Барселона беше декласирана со 0-3 на домашен терен против Баерн Минхен, а синоќа се повтори резултатот и против Бенфика, па Каталонците се во непријатна ситуација во својата група во Лигата на шампионите.
Тренерот Роналд Куман, врз кого е најголем притисокот да си замине, не мисли дека е виновник за ваквите резултати. Тој ја има поддршката од играчите, но не е сигурен дали му верува и клупското раководство.
„Чувствувам дека играчите ме поддржуваат. Не знам дали раководството на клубот исто така стои зад мене. Игравме добро до 0-2. Бенфика играше брзо и не се плашеше од дуели, ние бевме меки. Не заслуживме пораз од 0-3, но Бенфика си ги користеше своите шанси. Сите знаат кој е проблемот на Барселона, ова не е истиот тим од минатите сезони“, рече Куман.
Во одбрана на тренерот застанаа Серхио Бускетс и Френки де Јонг. Сонародникот на Куман изјави дека не мисли дека многу работи ќе се сменат на подобро ако тренерот биде отпуштен, а слично мислење даде и Бускетс.
Но, за Барса доаѓаат серија тешки мечеви. Викендов гостува кај Атлетико Мадрид, а по репрезентативната пауза треба да се сретне со Валенсија, Динамо Киев и Реал Мадрид.