Куманово со убедливи 87:67 го реши Пелистер во мечот од рамките во 6. коло во Првата лига на Македонија. По двата неуспеха во низа против Работнички и Кожув, кошаркарите на Александар Петровиќ им се вратија на победите, па без поголеми проблеми се вратија со позитивен исход од Битола.
Кумановци сакаа што побрзо да ја завршат работата, па уште во првата четвртина направија убедлива предност при 26-9, но Пелистер до крајот на четвртината успеа да забележи 14 поени, додека Куманово во таа минута и пол игра постигна само еден поен. На паузата се замина со 42:32 во корист на гостите, додека дилемите Куманово ги реши во последниот период, кога ја оствари и најголемата разлика од +20.
Куманово со овој триумф за момент ќе биде зад лидерот Блокотехна на втората позиција со 10 бода, за Пелистер ова е петти пораз на исто толку мечеви.