Еден од многуте играчи во редовите на Реал Мадрид кој не се согласува со смената на Хулен Лопетеги е Тибо Куртоа. Белгискиот голман кој изминатово лето пристигна во Мадрид од тимот на Челзи, не може да верува дека раководството на европскиот првак се обидува да го замени шпанскиот стратег со еден од ексменаџерите на „сините“, Антонио Конте, односно Жозе Мурињо.
Куртоа истакна дека една од причините што си заминал од Лондон се токму овие двајца тренери, а сега неговиот нов клуб се обидува да ангажира еден од нив, со цел да се прекине низата на лоши резултати кои ги остварува тимот во последно време.
„Не можам да верувам во тие шпекулации. Во Реал сум единствениот кој соработувал со Конте и Мурињо. Тие ми помогнаа во одлуката да си замина од Лондон, да не морам повеќе да трпам такви работи, а сега и двајцата се споменуваат дека може да го наследат Лопетеги на клупата. Неверојатно“, изјавил Куртоа на шпанските медиуми.
Куртоа беше дел од Челзи кога екипата од Лондон ги освои шампионските титули во Премиер лигата и под водство на двата менаџери, со Мурињо во сезоната 2014/15, а со Конте во сезоната 2016/17.