Манчестер сити со пресврт славеше на гостувањето во Мадрид против Реал со 2:1 во меч од шестото коло во Лигата на шампионите. Родриго го доведе Реал во предност, но Граѓаните уште во првото полувреме направија целосен пресврт. Нико О’Рајли и Ерлинг Халанд погодија за гостите да имаат водство од 2:1, резултат кој остана до крајот.
По средбата, голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, зборуваше за тоа што се случуваше на „Сантијаго Бернабеу“. Куртоа призна дека има одговорност за поразот, но застана во одбрана на своите соиграчи и тренерот Чаби Алонсо.
„Не заслуживме да загубиме. Тоа беше израмнет меч, со многу шанси на двете страни. При првиот гол што го примивме има и моја мала грешка при одбивањето на топката. Топката ми дојде премногу блиску и не можев посилно да ја исфрлам. Веднаш потоа го примивме и вториот гол. Во второто полувреме ја презедовме контролата над мечот, но топката едноставно не сакаше да влезе во голот“, вели Куртоа.
И покрај поразот, Куртоа даде поддршка за тренерот Алонсо.
„Имавме низа мечеви на кои не бевме добри на теренот. Сепак, сега покажавме дека можеме да играме. Загубивме од силен противник и тоа може секому да се случи. Ако бевме во добра серија, сега никој ништо немаше да каже. Ситуацијата е комплицирана, но ние му даваме целосна поддршка на тренерот. Ако сега не бевме фокусирани на мечот, ќе загубевме со 0:6. Сите се боревме до последната секунда, ја оставивме душата на теренот. Покажавме дека не сме „мртва“ екипа“, рече Куртоа.

