Бразилецот Филипе Кутињо кој уште е играч на Барселона, му бил понуден на премиерлигашот Евертон. До овој шокирачки трансфер може да се стигне само со исполнување на еден услов – каталонците да продолжат да плаќаат две третини од огромната плата.
Повеќе англиски клубови го посакуваат Кутињо, но на позајмица. Се шпекулира дека тој ќе се врати во Ливерпул, но не кај Црвените каде што беше главен играч, туку кај ривалот Евертон. Агентот на Кутињо е пријател со сопственикот на Евертон, и затоа се зборува дека тој трансфер е можен.
Кутињо за кој Барса плати дури 160 милиони евра, не се приспособи на животот на „Камп Ноу” и беше пратен на позајмица во германскиот првак Баерн Минхен. И во Германија не му тргна, па и Баерн не сакаше да му го откупи договорот. По завршувањето на Лигата на шампионите, во август тој треба да се врати во Барселона, но не е во плановите на шпанскиот шампион.