Македонските ракометари ги завршија подготовките и со нетрпение го очекуваат почетокот на Светското првенство во Вараждин. Нашите ракометари утре отвораат против првиот фаворит во нашата група, Унгарија, но еден од најискусните во нашата репрезентација, Филип Кузмановски, најавува можно изненадување, бидејќи, како што вели, изненадувањата се случуваат токму на почетокот.
„Од прв ден се подготвуваме за натпреварот соУнгарија. Уште од контролните натпревари што ги игравме во Србија, затоа што знаете како е, прв натпревар на СП, а тогаш се случуваат и изненадувањата. Мотивацијата ни е на високо ниво уште од дуелите со Фарски острови. Си докажавме самите себе дека можеме да играме против големи ривали. Зошто тоа да не го направиме и против Унгарија. Да, тие се фаворити, имаат позвучни играчи, повеќе искуство, ракометари што се носители и во Лигата на шампионите, играат во големи тимови, но зошто да не? Во новата година игравме уште три меча со екипи што наликуваат на Унгарија, Холандија и Гвинеја, пробавме многу работи за кои веруваме дека ќе ни користат утре против Унгарија. Екипата дише како еден. Како се вели, екипата на терен ќе извади лидер, посакувам на секој меч да има различен. Сакам да играме како тим, знаеме колку беше тешко да се дојде до овде, поминавме низ најтешкото и сега треба да уживаме во играта. Откако дојдовме во Хрватска, почнавме да го чувствуваме мундијалскиот амбиент. Долго сме заедно и со нетрпение чекаме да почне првенството. Имаме желба, подготвени сме и треба да покажеме како изгледа Македонија. Досега немавме контакт со македонските навивачи, но јас како еден од поискусните знам како изгледа кога ќе дојдат Македонците, кога ќе дојдат нашите блиски во хотелот, колку тогаш расте мотивацијата. Знаеме колку значи и за нас и за нив сето ова, ќе направиме се да оправдаме очекувањата.“ – вели Филип Кузмановски во пресрет на почетокот на Светското првенство во Хрватска.