Филип Кузмановски беше прогласен за МВП на „Жолтиот куп“ во Швајцарија, турнир на кој Македонија ја имаше генералката пред Европското првенство и со две победи и едно реми успеа да дојде до второто место.
Сепак, капитенот на националната селекција истакнува дека заслужни за оваа награда се сите во репрезентацијата.
„Сакам да се заблагодарам на екипата за борбеноста на овој турнир. Тие се најзаслужни за мојата награда. Нивниот придонес беше многу голем. Целите кои ги зацртавме пред овој турнир, мислам дека ги исполнивме. Нашата форма е во нагорна линија, имаме уште малку време да се подготвиме за она вистинското што нѐ очекува во Данска. Има детали во кои треба да се подобриме. Мислам дека имаме и новости во играта. Клучна треба да ни биде одбраната, сите да бидеме борбени, како на овие натпревари, посебно во вториот дел против Украина. Наша страна треба да биде и полуконтрата. Оваа Македонија треба да трча, бидејќи сега се игра модерен ракомет со многу трчање. Максимално сме подготвени и ќе одговориме на она што нѐ очекува на Европското првенство.“ – рече Филип Кузмановски.
Капитенот не ги заборави и македонските навивачи, кои доминираа во салата во Винтертур и гласно ја бодреа репрезентацијата, како најава за она што ќе се случува во Хернинг од петок.
„Голема благодарност и до публиката. Навистина ни значи нивната поддршка. Токму во клучните моменти се чувствувавме како да играме на домашен терен. Благодарност до сите Македонци кои беа на трибините, без разлика каде живеат.“ – додаде капитенот.

