Ракометната репрезентација на Македонија игра нерешено 15:15 против Турција по првото полувреме во последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство што идната година ќе се игра во Германија, но го загуби Филип Кузмановски кој се повреди.
Искусниот бек, во финишот од првиот дел, незгодно доскокна и на носилки беше изнесен од теренот во СЦ Борис Трајковски.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров кои со победата над Луксембург во претходното коло го обезбедија пласманот во ЕП, во желба победнички пред своите навивачи да ги завршат квалификациите, одлично го започнаа натпреварот.
По воведните минути во кои се играше гол за гол, Македонија со головите на Маркоски, Георгиевски и Кузмановски поведе со 6:3, а на средина од првиот дел беше и плус четири (9:5). Турците со мини серија од 0:3 се вратија во игра, а во 25-та минута по голот на Рамазан Доне го израмни резултатот (13:13).
Во последните две минути Македонија влезе со два гола преднос, но Турците успеаја да се изборат за нерешен резултат по првиот дел