Ракометната репрезентација на Македонија го доживеа и вториот пораз на Европското првенство во Германија, а посебно разочарувачки беше настапот на играчите од кои најмногу се очекуваше, Филип Кузмановски и Филип Талески.
Токму Кузмановски после натпреварот искажа разочараност од настапот на репрезентацијата, но и најави дека ќе се прикажеме во далеку подобро светло на дуелот против Швајцарија.
– „Натпревар на кој очекувавме можеби подобра игра отколку против Франција, но реално на теренот не изгледаше баш така. После Франција анализиравме, денес знаевме против кого играме, против домаќинот пред преполна сала. Знаевме како функционира нивниот систем, дека секоја наша грешка ќе ја казнат. Денес максимално потфрливме, требаше да бидеме поборбени во одбраната. Резултатот сам кажува, честитки за Германија, животот продолжува напред.“ – рече Филип Кузмановски после натпреварот против Германија.
Што се однесува до следниот меч, воедно и последен за нашата репрезентација на Европското првенство, Кузмановски вели дека мора да се прикажат во подобро светло и да ги израдуваат навивачите.
– „Имаме ден слободен, ќе дадеме се од себе против Швајцарија, сепак тука играме за Македонија, за нашите навивачи. Сите очекуваат од нас многу и ние сакаме да го дадеме најдоброто од нас, но денес не беше така. Ќе се потрудиме да се поправиме против Швајцарија.“ – додаде Кузмановски.