Македонските ракометари после слободниот ден, денеска од 18 часот ќе играат меч со Гвинеја на кој се големи фаворити и треба да победат. Триумф или реми ја носи Македонија во втората фаза во која повторно во Вараждин би играле Франција, Австрија и Катар, а евентуален сензационален пораз ќе значи преселба во Претседателскиот куп во Пореч каде би се разигрувале за пласман од 25-то до 32-ро место.
Многу поверојатна е првата опција, но фаворитската улога треба да се оправда и на терен.
Капитенот Филип Кузмановски вели дека жалат што не добија барем еден меч во првите две кола, па во втората фаза да пренесевме повеќе бодови.
„Искрено жалиме што не забележавме барем една победа на стартот. Многу ќе ни значеше победа на тој дуел со Унгарија, но не се сомневам дека оваа репрезентација на Македонија има многу добар квалитет и тоа ќе го покаже во иднина. Пред нас е дуелот со Гвинеја, сакаме да победиме и да одиме во вториот круг. Одиме чекор по чекор, сега фокусирани сме на Гвинеја, а потоа ќе мислиме на следната рунда каде што ќе се бориме со Австрија, Катар и Франција. Верувам во нашата репрезентација, и дека со играта што ја прикажуваме и со поддршката од нашите фантастични навивачи ќе стигнеме уште до некоја победа во главната фаза“, изјави Кузмановски кој постигна вкупно 19 голови на првите два меча.
Тој во името на националниот тим изрази благодарност до навивачите.
„Голема благодарност до нашата публика која дојде во толку голем број, се чувствуваме исто како да се игра во Скопје. Нашите учества на големите натпреварувања се празник за сите во Македонија, ја чувствуваме таа поддршка и навистина е прекрасно да се игра пред толкав број македонски навивачи и кога заедно ќе ја пееме химната, тоа е една посебна енергија. Унгарија и Холандија се поквалитетни селекции со нас, но на сите им покажавме дека бодрени од нашите верни навивачи можеме да се носиме со секој противник“, додава Кузмановски.
Како и сите во тимот, најавува дека африканската селекција нема да биде потценета.
„Гвинеја можеби е аутсајдер, но сигурно нема да ја потцениме. Кога ќе ги споредиме европскиот ракомет и селекциите кои доаѓаат од Африка, има многу разлика, но ниту еден противник на светските првенства не смее да биде потценет бидејќи се има изборено со голема борба за билет на овој мундијал. Ние сме подготвени, ќе дадеме максимум и верувам дека ќе ја израдуваме Македонија“, заклучува капитенот.