Кошаркарот Огњен Кузмиќ кој беше тешко повреден во сообраќајна несреќа, со хеликоптер беше пренесен од Бања Лука во Белград и сега лекувањето ќе продолжи во главниот град на Србија. Кузмиќ е член на Црвена ѕвезда, а има титули во НБА со Голден стејт и во Евролигата со Реал Мадрид, иако за овие два шампионски тима минутажата му беше симболична.
Кузмиќ има тешки повреди на главата и градниот кош, скршени му се двете вилици, па поради големите повреди и болка која ја предизвикуваат, лекарите го ставија во вештачка кома. Иако нема хематом на мозокот и е надвор од животна опасност, повредите бараа тој да биде пренесен во ургентниот центар во Белград.
Боксерот Дражан Јањанин кој бил во БМВ-то во кое удри Поршето на Кузмиќ, рече дека колата на кошаркарот возела со голема брзина и од спротивен правец влегла во нивната лента. Возачот нагло свртел на страна, па автомобилот на Кузмиќ удрил само во задниот дел од БМВ-то и ја откинал вратата и тркалото од десната страна.
Откако излегле од колата која била превртена, отишле да видат што е со другата кола, а од таму се слушала гласна музика, но морале да чекаат да дојдат пожарникари за да бидат извлечени кошаркарот и неговиот сопатник.