Женската фудбалска репрезентација на Македонија со победа ги започна квалификациите за пласман на Европското првенство, кое следната година ќе се одржи во Швајцарија.
Нашите фудбалерки попладнево беа подобри од Летонија на гостински терен со 3-4 и победија првпат по пауза од 13 натпревари или речиси по две години. Она што е интересно, последната победа во 2022 година беше против истиот противник, Летонија, но тогаш на домашен терен со 3-2.
Деби-мечот на новиот селектор, Александар Андов, започна лошо бидејќи Летонија уште во седмата минута поведе со 1-0 преку Миксоне. Сепак, до крајот на првото полувреме следуваше комплетен пресврт. Гентијана Рочи во 17-тата минута израмни на 1-1, а само осум минути подоцна летонската репрезентативка, Анастасија Рокане, си постигна автогол. Конечните 1-3 на полувремето ги постави нашата најдобра фудбалерка, Наташа Андонова.
Во вториот дел се постигнаа уште три гола. Полуховица во 63-тата минута намалува на 2-3, а Ана Милчевска во 69-тата повторно ја враќа предноста од два гола за Македонија. Конечните 3-4 ги постави Миксоне во 76-тата минута.
Освен Македонија и Летонија, во нашата група се и Словенија и Молдавија, а токму Словенките се нашиот следен противник во вторник, кога ги пречекуваме на Тренинг центарот на ФФМ во 15 часот.