Репрезентацијата на Грузија е едно од најголемите изненадувања на Европското фудбалско првенство во Германија. Во својот прв настап на големо натпреварување, Грузијците ја поминаа групната фаза и изборија осминафинален дуел против Шпанија. Со најдобриот стрелец на турнирот, Георге Микаутадзе, ги предводи и одличниот играч на Наполи, Хвича Кварацхелија (23).
Популарниот Кварадона е идол на навивачите во градот под Везув, но сега од Италија пристигнуваат вести кои ќе ги загрижат. По две години во Наполи, Грузиецот има уште три години од договорот и клубот сака да го продолжи, но тој ја одби првичната понуда, пишуваат „Скај Спорт Италија“ и „Кориере дело Спорт“.
Сопственикот на Наполи, Аурелио де Лаурентис долетал во Германија и лично му понудил на Кварацхелија продолжување на договорот и зголемување, но тој и неговите агенти ја одбиле понудата.
За неговите услуги е многу заинтересиран ПСЖ, кој би сакал да го доведе во своите редови, а отштетата во тој евентуален трансфер веројатно би надминала 100 милиони евра.
Во својата прва сезона во Наполи, тој беше најдобар играч на тимот кој по 33 години ја освои долгоочекуваната титула, а за една од најдобрите дебитантски сезони во историјата на топ пет лигите, Кварацхелија беше награден со признание за најдобар играч на Серија А. За Наполи настапи 88 пати, постигна 25 гола и асистираше за 26 гола.