Петра Квитова и Наоми Осака ќе играат во финалето на женскиот дел од гренд слем турнирот Отворено првенство на Австралија, кој се игра во Мелбурн. Чехинката во полуфиналето беше подобра од Даниел Роуз Колинс со 7-6, 6-0, додека Јапонката славеше против Каролина Плишкова со 6-2, 4-6, 6-4.
Нема да има прво чешко финале на еден гренд слем, но финалето освен титула на еден од најголемите четири турнири на светот, ќе значи и искачување на првата позиција на ВТА-листата. Квитова и Осака немаат пораз во финални мечеви на гренд слем турнирите, а ќе играат за првпат една против друга.
Искусната Квитова првпат ќе игра финале во Австралија, но има две титули на Вимблдон. И таа никогаш не била лидер на ВТА-листата, а во 2011 година беше втора. Петра во 2016 година беше нападната од крадец кај неа дома и прободена во нејзината лева рака со која го држи рекетот, а сега како награда за упорноста и издржливоста, има шанса да биде најдобра на светот. Ако победи Квитова, тоа ќе биде деветти гренд слем по ред со различна победничка.
Осака, која го освои Отвореното првенство на САД пред неколку месеци, има низа од 13 победи по ред на гренд слем мечевите. Осака има 21 година и може да стане првата Јапонка која била светски рекет број 1, а веќе стана и првата Јапонка со финале на Отвореното првенство на Австралија.