По пауза од две недели, повторно се враќаат возбудувањата во македонското фудбалско првенство. Во Прва лига денеска од 13 часот се игра првиот меч од 15. коло во кој Брегалница во Штип е домаќин на Шкендија.
Штипјани се со надеж дека ќе ја прекинат лошата низа затоа што на последните четири меча освои само еден бод. Шкендија истотака не е во добра форма, ако се знае дека има само една победа во последните четири кола.
Брегалница на свој терен игра многу подобро отколку на гости и токму тоа треба да биде адут на штипјани. На страна на Шкендија е традицијата која вели дека тетовци се „кошмар“ за Брегалница. Штипјани немаат победа над Шкендија од април 2014 година и тоа на гости со 2:1. По таа победа на Брегалница, беа одиграни дури 19 меча во кои Шкендија победила 13 пати, а шест меча завршиле нерешено.
Од поблиското минато, факт е дека овие мечеви се сиромашни со погодоци и на последните шест пресметки немало повеќе од два гола (пет пат било со максимум еден погодок). Овој меч традиционално го има во понудата на Sport Life.
Останатите дуели од ова коло ќе се играат утре, а двојките се: Работнички – Гостивар, Шкупи – Македонија ЃП, Силекс – Вардар, Струга – Воска спорт, Тиквеш – Брера.