Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45) му гостуваат на Кјелце во деветтото коло во Лигата на шампионите и имаат нова шанса да дојдат до првиот бод.
Пелистер по осум кола има осум порази во групата А и заедно со Целје во групата Б се единствените екипи без ниту еден освоен бод. Полскиот тим пак е третопласиран со 10 освоени бода. На првиот меч кој се играше во Битола, Кјелце славеше со 21:24.
Иако битолчани по доаѓањето на Бранислав Ангеловски од натпревар во натпревар играат сè подобро, во минатото коло испуштија реми во последната секунда. Кјелце, кој е предводен од Талант Душебаев, е апсолутен фаворит за победа и квотата за триумф на полскиот тим изнесува 1.06, додека таа за Пелистер да направи чудо е 14.00.
„ Во Кјелце има голем број индивидуалци кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот и посебна мотивација за Кјелце не треба да имаме бидејќи во ЛШ за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Кјелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко, а да не заборавиме дека на голот се враќа Волф“, вели тренерот на Е. Пелистер, Бранислав Ангеловски.