Екипата на Шкупи ги прави последните подготовки пред утрешниот дуел против Левски, во второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Мечот се игра на арената „Тодор Проески“ со почеток во 21 часот, а од таборот на чаирчани ги искажаа очекувањата за овој меч.
„Левски е посериозен противник од оној кој го имамвме претходно. Ова е нов меч и нова стратегија за истиот. Левски е сериозна екипа, со години е дел од европските натпреварувања. Игра напаѓачки фудбал и има таков тип на играчи. Левски е клуб со историја, но и млада екипа. Просек од 23. години. Одлични странци. Голманот има само 18. години, а веќе има цена од 1.5 милиони евра. Ние ја подмладивме екипата, имавме просек од 28, сега имаме 24. Со напорна работа мислам дека ќе постигнеме нешто што не е достигнато досега. Секој резултат е позитивен резултат кога е победа во прашање“, вели тренерот на Шкупи Џиад Арслан.
Играчот за врска на Шкупи Али Адем знае дека овој двомеч ќе биде потежок од тој против Хегелман, но верува дека со поддршка од навивачите, Шкупи ќе стигне до нов успех.
„По дуелот со Хегелман, сите сме фокусирани на овој меч. Со помош на навивачите се надеваме на поволен резултат. Не, далеку од тоа дека сме летнати во облаци по онаа изведба против Хегелман и победата од 0:5. Време е за нови нешта, тоа е сега зад нас. Фокусирани сме максимално и веруваме во успех. Овој тим на Шкупи може многу, а тоа ќе го докажеме и на утрешниот меч“ – изјави Адем.
Според квотите во Sport Life, Левски е во улога на фаворит, но тоа треба да е дополнителен мотив за сите оние кои веруваат во силата на тимот од Чаир.