Грција е во шок по смртта на 19-годишниот студент Алкис Камбанос, кој искрвавел до смрт откако бил прободен со срп во пределот на бутот. Алкис бил нападнат затоа што кажал дека навива за клубот Арис.
Не се знае дали напаѓачите се фанови на ПАОК или Ираклис, но овие два клуба на социјалните мрежи ги променија своите фотографии и ставија црн флор во знак на жалост за смртта на фанот на Арис, се солидаризираа со ривалот, го осудија нападот, и побараа државата да реагира.
Алкис и уште две момчиња се шетале низ една солунска населба и биле нападнати со остри предмети од поголема група која дошла со два автомобили. Пред тоа ги прашале за кого навиваат и откако кажале за Арис, биле нападнати, а најлошо минал 19-годишниот Алкис, кој го загуби животот.