Одбојкарот на бугарскиот клуб Хебар, македонскиот репрезентативец Александар Љафтов, вели дека се чувствува добро во Пазарџик, каде што веќе има многу пријатели, а примачот откри и интересни детали во интервју за една бугарска спортска телевизија.
„Луѓето доаѓаат на мечевите, салата е полна. На улица ме запираат, запознав многу луѓе, многу од нив ми се пријатели. Тоа е богатство. Многу е убаво. Кога дојдов тука, мислев дека многу добро го зборувам бугарскиот јазик. Но, правам многу грешки и соиграчите од тимот ми се смеат“, вели Љафтов.
Љафтов ги спореди Македонците и Бугарите.
„Ние Македонците сме помеки. Тука се посилни карактерите, потешко се примаат критики. Не велам дека тоа е лошо. Но, генерално, нема голема разлика меѓу Македонците и Бугарите”, вели струмичанецот.
Што се однесува до репрезентацијата, Љафтов смета дека најголем квалитет е тимската игра.
„Во националниот тим на Македонија немаме топ-играч, но тимската игра ни покажа дека како тим можеме да играме со секој противник. Играме убава одбојка, се бориме еден за друг”, додава Љафтов.