Ќе играме партија шах против Македонците, со многу стратегија, надмудрување и секоја грешка скапо ќе чини.Очекувам меч сличен на тој со Словенците. Ако одиграме како што знаеме, верувам дека ќе победиме, вели десниот бек на австриската репрезентација Стефан Лајнер.
И тој и останатите од таборот на Австрија потенцираат дека Македонија многу напредувала на фудбалски план во последните неколку години.
„Имаат само два порази на последните 16 натпревари, одиграа нерешено со Италија, против Полска загубија незаслужено и ќе бидат опасен противник. Сепак, ние сме поквалитетни и треба со максимално залагање и битка за секоја топка да наметнеме своја игра и да ги освоиме бодовите. Секако, ќе треба да се сопре Пандев, бидејќи тој е моторот на домаќините“, вели Лајнер.
Тој веќе има играно на македонската фудбалска арена, против Шкендија во квалификациите за настап во Лигата на шампионите, лани во август. Тогаш Салцбург славеше со 1:0 во Скопје и мина понатаму.
Салцбург има најмногу играчи како клуб во австриската репрезентација, дури седуммина допатуваа за мечот што ќе го играат Македонија и Австрија, вечерва од 20.45 часот на „Тодор Проески“ во Скопје.