Го платија 25 милиони евра, но не го пуштаат да се докаже: За Елмас само 82 минути во првите осум меча за Лајпциг

Елиф Елмас го направи четвртиот најскап трансфер во јануарскиот преоден рок откако за сума од 25 милиони евра си замина од Наполи и потпиша за Лајпциг. Македонскиот репрезентативец реши да си замине од шампионскиот тим на Наполи затоа што не добиваше доволно минутажа на теренот и во Лајпциг очекуваше дека ќе има многу поголем простор да го докаже својот неспорен талент и знаењето.

Сепак, речиси по два месеци откако дојде во Лајпциг, Елмас уште ја нема стекнато довербата кај тренерот Марко Росе, кој сакаше да објасни зошто Елмас уште не добива вистинска шанса да се докаже.

„Елмас е добар играч кој може да ја забрза, но и да ја успори играта кога е тоа потребно. Сепак, мора да поработи на своите обврски на секој дел од теренот. Тој има стекнато искуство во Наполи, но треба време да се поврзе со новиот тим“, рече Росе.

Откако Елмас дојде во Лајпциг, германскиот тим одигра вкупно осум средби (седум во првенството и еден во Лигата на шампионите), а Елмас ниту еднаш не беше стартер. Не само што не е стартер, туку во овие осум средби, Елмас вкупно одигра 82 минути, што е во просек едвај по 10 минути на натпревар. Ова секако е премалку за играч кој е платен 25 милиони евра и кој е актуелен првак во Серија А.

Сепак, Елмас не е единствен од оние играчи кои направија скапи трансфери во јануари, а не добиваат голема минутажа. Витор Роке, кој го имаше најскапиот трансфер, влегува како резерва во Барселона, но 18-годишниот Бразилец веќе постигна два гола.

Сача Боеј, кој од Галатасарај премина во Баерн Минхен, еднаш беше стартер, еднаш влезе како резерва, а потоа се повреди. Романецот Раду Драгусин, за кого беа платени повеќе од 25 милиони евра, во шест меча за Тотенхем одигра само 11 минути.

Од Топ 5 трансферите во јануари, Ренан Лоди трипати доби шанса да биде стартер за Ал-Хилал во саудиска Арабија, но тоа и не треба да е некој репер ако се знае дека оваа лига е многу послаба од најсилните лиги во Европа.

- Оглас -

Најнови вести