Германскиот бундеслигаш Лајпциг соопшти дека офанзивниот играч за врска на тимот, Чави Симонс, е повреден и ќе отсуствува од терените неколку недели. Младиот Холанѓанец беше принудно заменет синоќа во 78-мата минута, во поразот на домашен терен против Ливерпул со 0-1 во Лигата на шампионите.
„За жал, Чави се здоби со повреда на лигаментите на левиот глужд на вчерашниот натпревар од Лигата на шампионите против Ливерпул и ќе отсуствува неколку недели. Методот на лекување сè уште не е утврден“, соопштија од германскиот клуб.
Со ова Симонс најверојатно ќе ги пропушти сите натпревари на Лајпциг пред репрезентативната пауза во ноември, меѓу кои се и домаќинствата против Фрајбург во Бундеслигата и Сент Паули во Купот на Германија, гостувањата кај Борусија Дортмунд во првенството и кај Селтик во Лигата на шампионите, како и домашниот натпревар против Борусија Менхенгладбах.
Од друга страна, ова е шанса за поголема минутажа за македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.
Чави Симонс досега оваа сезона има ефект од три гола и две асистенции на 11 натпревари, играјќи на позајмица во германскиот клуб од Пари Сен Жермен.