Ваков подвиг немаат ни Меси ни Роналдо – Лајпциг има напаѓач што не знае да промаши на гости, вечерва чека 13-ка

Францускиот напаѓач на Ред Бул Лајпциг, Кристофер Нкунку, има уникатна низа од 12 гола на последните 11 гостувања на Биковите во сите натпреварувања, а вечерва во Бергамо против Аталанта од 18.45 часот очекува да ја продолжи серијата.

Нкунку беше трет најдобар стрелец во групната фаза во Лигата на шампионите со 7 гола, само зад Халер од Ајакс со 10 погодоци и Левандовски од Баерн со 9.

Лајпциг не успеа да мине понатаму во конкуренција на Манчестер сити и Пари Сен Жермен, па се префрли во Лигата на Европа и имаше многу среќа.

Во првата нокаут-фаза го елиминираа Реал Сосиедад со вкупен резултат од 5:3, а потоа на ждрепката го добија рускиот Спартак од Москва, кој беше исфрлен од натпреварувањето, па Биковите се пласираа меѓу осумтте најдобри екипи во ЛЕ без игра.

Нкунку сè уште го чека првиот гол во овој циклус од Лигата на Европа, а на гостински терен е посебно опасен и ќе биде главен адут на Лајпциг за пласман во полуфиналето.

Првиот меч во Германија заврши нерешено, 1:1, а интересно е дека ниту Лајпциг, ниту Аталанта не играле никогаш во полуфинале во Лигата на Европа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести