Лајпциг со убедлива победа од 3-0 над Хановер го отвори 20-тото коло во Бундеслигата. „Биковите“ освоија лесни три бода и без најдобриот поединец во екипата, Тимо Вернер, кој поради настинка отсуствуваше од тимот на Ралф Рагник.
Триумфот го донесоа дефанзивците Марсел Халстенберг и Вили Орбан. Левиот бек постигна гол од белата точка во третата минута од судиското надополнување во првиот дел, додека капитенот со два погодоци во второто полувреме (64‘ и 85‘) ги осигура трите бода за гостите.
Лајпциг со 11-тата победа во Бундеслигата се зацврсти на четвртото место со 37 бода, додека Хановер го претрпе четвртиот пораз во низа, па со 11 бода се наоѓаат на претпоследното место на табелата.