Ралф Рангник е убедливо најплатениот спортски директор на клуб од Бундеслигата, а Лајпциг го плаќа меѓу 3 и 4 милиони евра на годишно ниво. Со спонзор од рангот на „Ред Бул“, ова и не е големо изненадување, но секако звучи сензационално дека спортскиот директор на шампионот Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ е во долниот дел на табелата со годишна плата меѓу 500 илјади до милион евра.
Сумата варира во зависност од успесите и резултатите на клубовите, односно од бонусите и премиите, но чудно е за Баерн да биде при дното во која било категорија.
Зад Рангник е спортскиот директор на Волфсбург, Јерг Шматке, со годишен приход меѓу два и три милиони евра, па следува квинтетот од Шалке 04 (Хејдел), Борусија Менхегладбах (Еберле), Баер Леверкузен (Фелер), Ајнтрахт Франкфурт (Бобич) и Борусија Дортмунд (Цорк) со примања во висина од 1,5 до 2 милиони евра.
На дното, зад седморката предводена од Салихамиџиќ, е само првиот човек за спортски операции на Фортуна Дизелдорф, Луц Фаненштел со годишна плата од половина милион евра.