Ламин Јамал беше промовиран како нов сопственик на дресот со легендарната „десетка“ во Барселона, што предизвика вистински комерцијален бум.
Само 24 часа по официјалното соопштение, дека Јамал ќе го носи дресот со бројот 10, клубот продал околу 70.000 дресови со името на Јамал. На тој начин, каталонскиот гигант генерирал приход од неверојатни 10.000.000 евра, според шпанските медиуми.
Барселона и „Најк“ се подготвија однапред за високиот интерес, избегнувајќи недостиг во првите бранови на побарувачка, а новиот договор му даде на клубот целосна контрола врз онлајн продавницата, што дополнително ги зголеми приходите.
Клубот верува дека претстојната сезона би можела да ги сруши сите претходни рекорди во приходите од продажба. Минатогодишните приходи беа помеѓу 140.000.000 и 150.000.000 евра.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, верува дека комбинацијата од популарноста и маркетиншката стратегија на Јамал ќе донесе една од најпрофитабилните сезони во поновата историја на клубот.
Јамал кој неодамна го прослави 18-тиот роденден веќе го надмина легендарниот Лео Меси, барем според продажбата на дресови во првите 24 часа. Сега останува потешкиот дел, а тоа е тинејџерот да ги достигне фудбалските квалитети и резултати на легендарниот Аргентинец.