Ламин Јамал го спомена човекот без кого оваа Барселона немаше да биде шампионски тим

Ламин Јамал синоќа одигра уште една маестрална партија во победата на Барселона на гостувањето кај градскиот ривал Еспањол. Со таа победа, Барса и официјално ја обезбеди титулата шампион на Шпанија, а по натпреварот, младиот бисер на Каталонците се огласи со изјава што ги воодушеви навивачите.

Иако дербито помина во напната атмосфера, со обиди од играчите и навивачите на Еспањол да спречат секакво славење, па дури и со вклучување на прскалки на теренот, Јамал се однесуваше зрело и достоинствено. Веднаш по последниот свиреж, тој мирно се упати кон соблекувалната, избегнувајќи каков било инцидент или провокација.

Меѓутоа, она што дополнително ја истакна зрелоста на овој 17-годишен фудбалер беше неговата изјава по мечот. Јамал, кој оваа сезона експлодира на големата сцена, не заборави да му оддаде признание на човекот кој му ја даде првата шанса, поранешниот тренер на Барселона, Чави Ернандес.

„Сите ние сме исклучително благодарни на Чави. Мора да го спомeнам. Без него ништо од ова немаше да се случи“, изјави Јамал по натпреварот.

Овој гест на благодарност кон Чави, кој се смета за човекот што ги постави темелите на новата Барса, уште еднаш потврди дека Јамал покрај својот фудбалски талент, поседува и силен карактер, што е реткост кај играчи на негова возраст.

Со вакви настапи и однесување, Јамал не само што ги воодушевува навивачите и тренерите, туку се профилира и како лидер на Барселона во годините што доаѓаат.

- Оглас -

Најнови вести