Лампард одговори на „вечното“ прашање, кој е подобар – Роналдо или Меси?

Франк Лампард, легендата на Англија и на Челзи, како и поранешен играч на Манчестер сити, веќе подолго време е без работа по последниот тренерски ангажман на „Стемфорд бриџ“.


Сепак, легендарната „осумка“ и натаму ужива култен статус во јавноста, па неговите изјави привлекуваат големо внимание.

Лампард неодамна даде одговор на вечното прашање за споредба помеѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

„Играв против двајцата, повеќе со Кристијано додека беше во Манчестер јунајтед, а со Меси играв многупати во големи натпревари меѓу Челзи и Барселона. Според мене, Меси е веројатно најголемиот играч по индивидуален талент. Но, кај Кристијано, она што го постигна во однос на трудот, тренингот и статистиките, ефективноста, головите и посветеноста, дури и денеска, значи дека тие двајца се едноставно на врвот. Морам да им оддадам почит на двајцата на ист начин. Мислам дека не е фер да се обидуваме да го ставиме едниот над другиот. Според мене, тие беа најдобрите играчи и чест ми беше што можев да играм против нив и да бидам на теренот со играчи од таков калибар“, изјави Франк Лампард.

Тој е без ангажман од крајот на претпоследната сезона, кога беше привремен менаџер на Челзи. По успешниот прв тренерски ангажман со Дерби каунти, каде што го однесе тимот до плејофот во Чемпионшип, тој со Челзи влезе во Лигата на шампионите и стигна до финалето на ФА купот како постојан тренер. Потоа го водеше Евертон до опстанок во Премиер лигата пред да биде отпуштен, а сезоната ја заврши како привремен тренер на Челзи.

- Оглас -

Најнови вести