Лампард со провокација до фановите на Ливерпул: За мене Сити е најдобар

Победата на Челзи против Манчестер сити од 2:1 значеше и почеток на шампионското славење за Ливерпул, и тоа по пауза од 30 години во Англија. Челзи донесе радост за Ливерпул, но и за себе, посебно во борбата за четвртото место на табелата со Манчестер јунатед и Вулверхемптон. Лондонскиот тим сега има 54 бода, пет повеќе од ривалите за посакуваното четврто место.

По завршување на синоќешниот дуел на „Стемфорд бриџ“, тренерот на Челзи, Френк Лампард, реши малку да ги испровоцира фановите на Ливерпул и изјави дека Манчестер сити е најдобриот тим во Англија.

„Беше многу тешко, но тоа е нормално кога играш против ваков противник. Сити е екипа со одлични индивидуалци, а по начинот на којшто тренираат и играат, мислам дека се најдобри“, рече Лампард, а потоа ги пофали Јирген Клоп и Пеп Гвардиола. „Пеп и Јирген се друга класа и токму затоа Ливерпул слави титула. Против Сити моравме напорно да работиме во текот на сите 90 минути за да стигнеме до посакуваниот резултат“, додаде Лампард.

 

- Оглас -

Најнови вести