Барселона ќе биде во центарот на фокусот во Формула 1, каде викендов ќе се вози осмата трка од шампионатот. Во досегашниот дел од првенството, двајцата возачи на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис се на првите две позиции. Пјастри е лидер со 161 бодови, а Норис има три бодови помалку.
Токму Норис зборуваше дека не смее да се потценат останатите возачи. Трет е Макс Ферстапен со 136 бодови, а четвртото место е за Џорџ Расел кој има 99 бодови. Петти е Шарл Леклер со 79 бодови.
На последната трка која се возеше во Имола, победи Ферстапен, а Норис потенцира дека токму тоа е доказ дека не се само возачите на Мекларен во трката за титулата.
„Прекрасно чувство е да се биде лидер во табелата и да се има повеќе поени од сите други. Но, тоа не е нешто што го менува мојот секојдневен пристап или начинот на кој работам. Секој викенд се стремам кон победа – без разлика дали е тука, во Монтреал или Австрија. Позицијата во табелата не менува ништо според мене. И математички, речиси сите возачи кои се дел од првенството, сè уште може да ја освои титулата. Ако мислите дека сè е околу мене и Оскар – тогаш тоа е малку глупаво. Сè уште има многу можности за сите. Макс сè уште може да победи, а тука се и возачите на Ферари, за кои очекувам да се подобрат во текот на сезоната. Ајде, те молам. Секој викенд водиме голема битка со Макс. Тој беше на подиумот многу пати. Победуваше на трки. Во Имола нè победи фер затоа што беше побрз. Навистина не знам зошто некој мисли дека сè е меѓу мене и Оскар“, рече Норис.
Големата награда на Шпанија би можела да донесе важни одговори во борбата за титулата. Квалификациите ќе се возат утре со почеток од 16 часот.