Ландо Норис приреди едно од најголемите изненадувања во квалификациите за Големата Награда на Монако, освојувајќи ја пол-позицијата со нов рекорд на патеката – 1:09.954 минути. Со тоа ги сруши надежите на Шарл Леклер за четврта пол-позиција на домашна територија, кој ќе стартува од второто место со заостанување од 0.109 секунди.
Очекувано, најдобрите времиња паднаа во последните моменти од третата квалификациска сесија, кога возачите дадоа сѐ од себе на преполната патека. Зад Норис и Леклер, на втората стартна линија се пласираа Оскар Пјастри (Мекларен) и Луис Хамилтон (Ферари), додека актуелниот шампион Макс Ферстапен ќе тргне од петтата позиција, заедно со младиот Исак Хаџар од Рејсинг булс.
Фернандо Алонсо и Естебан Окон ќе стартуваат од четвртиот ред, а Топ 10 листата ја комплетираат Лијам Лоусон и Алекс Албон.
Карлос Саинц ризикуваше во втората квалификациска сесија со средно тврди гуми, но иако премина на меки во финишот, не успеа да се пласира во третата квалификациска серија и ќе стартува од 11-тото место, покрај Јуки Цунода. Нико Хулкенберг од Заубер ќе тргне од 13-тото место.
Џорџ Расел и дебитантот Андреа Кими Антонели имаа проблеми – Расел доживеа технички дефект и застана во тунелот, што го елиминираше, а Антонели се удри во ѕидот на шиканата во првата квалификациска сесија, по што не можеше да продолжи.