10.8 C
Skopje
понеделник, 27 октомври 2025

Ландо Норис триумфираше во Мексико Сити и повторно е лидер во Формула 1

Ландо Норис продолжува да го живее својот сон во сезоната 2025 во Формула 1. Британецот стигна до својата шеста победа оваа година, освојувајќи ја трката за Големата награда на Мексико Сити со доминантно возење на легендарната патека „Ерманос Родригез“.

Возачот на Мекларен не остави ни најмала шанса за своите конкуренти. По одличниот старт, Норис го задржа водството и постави темпо кое никој не можеше да го следи. По 71 круг, тој ја мина целната линија со импресивна предност од над 30 секунди пред второпласираниот Шарл Леклер од Ферари.

Во последните кругови, Леклер беше под силен притисок од актуелниот шампион Макс Ферстапен, но успеа да го задржи Холанѓанецот зад себе и да го израмни своето најдобро достигнување оваа сезона, второто место. Ферстапен мораше да се задоволи со третата позиција, додека фантастичен настап имаше и Оливер Беарман, кој заврши четврти и ги воодушеви фановите на Хаас.

Одличен настап имаше и Оскар Пјастри, кој иако се обидуваше да го помине Беарман, на крајот мораше да се задоволи со петтото место. Позициите до десеттото место ги заокружија Андреа Кими Антонели, Џорџ Расел, Луис Хамилтон, чија трка беше нарушена со казна од 10-секунди, Естебан Окон и Габриел Бортолето.

Со овој триумф, Ландо Норис повторно се враќа на врвот на генералниот пласман, кој накратко го изгуби по трката во Саудиска Арабија.


Четири трки пред крајот, Норис има 357 поени, само еден повеќе од својот клупски колега Пјастри, додека Ферстапен заостанува 36 поени зад лидерот.

- Оглас -

Најнови вести