6.8 C
Skopje
среда, 3 декември 2025

Лани беше најдобар тренер во Бундеслигата, сега го отпуштија по 12 кола

Бундеслигашот Мајнц објави дека го отпуштил тренерот Бо Хенриксен. Овој 50-годишен дански стручњак беше прогласен за тренер на сезоната во Бундеслигата во 2024/2025, носејќи го Мајнц до шестото место и пласман во Конференциската лига.

Но, сезонава не одат работите како што треба, Мајнц оствари само 1 победа во првите 12 кола и е на последното место на табелата во германското првенство. Убедливиот пораз од 0-4 од Фрајбург беше капак и клубот донесе одлука да се раздели со тренерот.

„Мајнц 05 е одличен клуб со одлични навивачи. Постигнавме многу заедно, благодарен сум за многуте искуства и времето што ги споделивме. Ви благодарам за големата поддршка! За жал, сезонава не успеавме да играме ист фудбал, иако се боревме до крај. За жал, и ова е фудбал. На клубот и екипата им посакувам сè најдобро од срце и држам палци за следните натпревари и успешна сезона“, беше прошталната порака на Хенриксен. 

Мајнц и Хенриксен имаа година полна со подеми и падови. Во март беа кандидати за место во Лигата на шампионите, во мај обезбедија место во Конференциската лига, но во новата сезона дојде големиот пад. Последната победа на Мајнц во Бундеслигата беше во септември против Аугсбург.

Бенџамин Хофман (46), кој го води У-23 тимот на Мајнц, привремено ќе ја преземе функцијата главен тренер на првиот тим, додека не се назначи постојано решение. В.д. тренерот ќе биде на клупата веќе в петок, на натпреварот против Борусија Менхенгладбах.

 

- Оглас -

Најнови вести