Tренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, го посочи Баерн Минхен како главен фаворит за титулата во Бундеслигата пред почетокот на новата сезона. Шампионот Баер ќе гостува кај Борусија Менхенгладбах утревечер, во првиот натпревар од првото коло на шампионатот.
Чаби Алонсо изјави пред новинарите дека историскиот успех од минатата сезона, во која неговиот тим остана непоразен и ја освои првата титула во Германија, како и националниот Куп, „не значи апсолутно ништо“.
„Ние не сме во улога на фаворити. Тоа за мене е Баерн Минхен“, рече Алонсо, давајќи им значење на Баварците, кои доминираа во претходните 11 години во Бундеслигата, пред да завршат на третото место минатата сезона.
„Сакаме добро да ја започнеме новата сезона. Нашата цел е да останеме во топ 4“, додаде Чаби Алонсо.
Баер Леверкузен нема пораз од Борусија Менхенгладбах веќе девет натпревари, а последниот пораз во Лигата датира од мај 2023 година на крајот од сезоната.
„Постои огромно возбудување затоа што повторно ќе играме во Бундеслигата. Минатото е минато. Можеме да зборуваме само за она што ни претстои. Знаеме дека секој натпревар е тежок и очекуваме такво нешто уште од утрешниот старт“, додаде Алонсо, во чиј состав нема проблеми со повредени играчи.