Денеска е денот кога сите заинтересирани кандидати за претседател на Барселона треба да достават минимум 2.257 потписи од „сосиосите“ (членови на клубот), а Жоан Лапорта се пофали дека собрал дури 8.000 потписи повеќе од потребното, точно 10.257. Со ваква бројка тој се наметнува како огромен фаворит за победа на изборите на 24 јануари.
Најголемиот противкандидат на Лапорта, Виктор Фонт, приложи „само“ 4.710 потписи. И во анкетите во Каталонија, Лапорта беше најпопуларен пред Фонт. Фановите на Барса веруваат дека со враќање на Лапорта како претседател, клубот има најголеми шанси да го задржи Лионел Меси. Интересно е што се појави информација дека меѓу потписите за Лапорта, имало еден и од членовите на семејството на Меси.
Лапорта рече дека сонува на 125-тиот роденден на Барса во 2024 година Меси да биде играч на Барса и стадионот „Камп ноу“ да биде реновиран. На изборите ќе има четворица кандидати, но јасно е дека Лапорта е главен кандидат за победа.
Лапорта беше претседател на Барса од 2003 до 2010 година, а во 2015 загуби од Жорди Бартомеу. Пред пет години, Лапорта имаше 4.807 потписи, но сега е двојно попопуларен, веројатно поради ветувањето дека ќе го задржи Меси и дека изгледа и Меси го фаворизира Лапорта.