Претседателот на Барселона по триумфот над Реал Мадрид во финалето на шпанскиот Суперкуп рече дека мечот бил одличен и дека архитект на успехот е тренерот Ханси Флик со неговиот стручен штаб.
„Нашиот тим играше одличен фудбал. Нема фаворити во финале помеѓу Барселона и Реал Мадрид, иако бевме во малку подобра форма. Ние сме големо семејство. Играчите се млади, а комбинацијата од играчи што ги имаме… резултатите зборуваат сами за себе. Флик и неговиот персонал одлично ја вршат работата, тие се архитектите на овој успех. Би сакале да ги повториме достигнувањата од минатата сезона, па дури и да ги надминеме“, истакна Лапорта.
Барселона го освои шпанскиот Суперкуп по рекорден 16-ти пат.
Напаѓачот Рафиња, кој постигна два гола и беше прогласен за најкорисен, исто така го пофали Флик.
„Секогаш се трудам да дадам сè од себе за тимот, помагајќи и во одбраната и во нападот и давајќи го она што можам. Да се има ваков начин на размислување и постојана желба за победа е многу важно за клубот. Главна цел треба да биде освојување трофеи. Да не дојдеше Флик, ќе ја напуштав Барселона. Тој промени сè. Ми рече дека ќе бидам важен. Тоа е она што му е потребно на еден играч – самодоверба“, рече 29-годишниот Бразилец.

