Барселона сезонава ја освои титулата во Суперкупот на Шпанија, а се бори за трофеите во домашното првенство и во Лигата на шампионите. Освен борбите на теренот, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, неодамна доби една голема битка, а тоа е останувањето на чело на клубот по последните претседателски избори.
Со останувањето на чело на Лапорта, многумина се интересираа кои се плановите на Лапорта околу тоа дали и кои играчи би биле цел да бидат доведени на „Камп ноу“ во летниот преоден рок. Лапорта не даде конкретни имиња, но најави дека има свој план.
„Барселона не треба да потпишува играчи само за да потпише. Треба да потпишуваме само со оние што навистина му се потребни на тимот. Приоритет е да го одржиме и да го зајакнеме составот што го имаме, а не постојано да правиме промени“, изјави Лапорта, цитиран од новинарот Фабрицио Романо.
По завршување на паузата поради репрезентативните настапи, Барселона сега се фокусира на следниот меч, а тоа е големото дерби против Атлетико Мадрид на 4 април. По 29 одиграни кола, Барселона е лидер на табелата со 73 бода, четири повеќе од Реал Мадрид.

