Лапорта и Деко го убедија Чави да ја води Барселона и следната сезона

Чави Ернандес дефинитивно одлучи да ја води Барселона и следната сезона, објави италијанскиот новинар Фабрицио Романо.

Чави денеска прво имал едночасовна средба со спортскиот директор Деко, на кој му соопштил дека е подготвен да остане на клупата на Барселона и следната сезона иако во јануари годинава по поразот од Виљареал, на прес-конференцијата изјави дека на крајот од сезоната ќе си замине од „Камп Ноу“.

Откако успешно завршила средбата со Деко, и двајцата се упатиле кон домот на претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, за да му ја соопштат одлуката. И самиот Лапорта инсистираше Чави да остане на клупата на Барселона до 2025 година, до кога му важи актуелниот договор, а денеска тренерот ги прифатил условите на првиот човек на каталонскиот тим.

Лапорта на состанокот барал Чави да не му врши притисок за засилувања поради незавидната финансиска ситуација на клубот и дека ќе се обиде да ги исполни желбите на тренерот, но не по секоја цена.

Откако Чави се согласил на барањето на Лапорта, тие се договориле во наредните денови и официјално да објават дека легендарниот капитен ќе ја води екипата и следната сезона.

Интересно е што навивачите на Реал Мадрид по последното Ел Класико кое се играше пред три дена и на кое Реал славеше со 3:2, му скандираа на Чави да остане на клупата и следната сезона бидејќи Кралевите оваа сезона славеа на сите три меѓусебни пресметки.

 

- Оглас -

Најнови вести