Барселона во полуфиналето го заврши настапот во Лигата на шампионите и заврши сонот за нов трофеј во елитното европско натпреварување на УЕФА. Епски беа двата меча против Интер, а на крајот италијанскиот првак се радуваше со вкупен резултат од 7:6.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, е убеден дека судиските грешки се главниот факт поради кој каталонскиот гигант нема да игра во финалето.
„Повеќе од 4.000 навивачи кои патуваа во Милано заслужуваа сè. Но, исто така и сите наши навивачи кои ги поддржуваа играчите и Ханси во текот на целата сезона за да можат да ги остварат целите што си ги поставивме. Сите мора да ги вратиме во добро расположение за да ја освоиме Ла Лига. Се боревме да стигнеме до финалето во Минхен, но не успеавме. Во основа поради судиските одлуки кои беа против нас, но ова треба да нè направи посилни.
Ќе се вратиме во Лигата на шампионите и ќе се бориме да ја освоиме. Па, ова е многу тежок момент бидејќи вчерашниот пораз, како што реков, беше во наши раце… Но, ги гледам навивачите на Барселона горди на овој тим, горди на она што го прават играчите, гледајќи дека ова е тим со сегашност и иднина и тоа ни дава сила, ни дава сила затоа што…“, рече Лапорта.
Барселона сега ја чека нов голем предизвик. В недела на свој терен ќе игра против Реал Мадрид во Ел Класико, меч кој ќе биде многу значаен околу трката за титулата во Примера дивисион.