Каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека Нејмар може до крајот на преодниот рок, во чуден трансфер, да заврши во Барселона.
Весникот пишува дека агентот Пини Захави заедно со претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, пронашле „дупка во законите“ која може да ја искористат и со помош на Саудијците да го донесат Нејмар на „Камп ноу“.
Идејата е екипа од Саудиска Арабија да го откупи договорот на Нејмар во ПСЖ и потоа да го испрати на позајмица на една или две сезони во Барселона. „Спорт“ пишува дека Захави веќе одржал неколку средби со претставници на Саудискиот инвестициски фонд (ПИФ), кој е сопственик речиси на сите екипи во саудиската Пролига и идејата на агентот била прифатлива за Саудијците.
Голем противник на носењето на Нејмар во Барселона е тренерот Чави Ернандес, кој смета дека Бразилецот може да ја наруши добрата атмосфера во соблекувалната.
Но, Лапорта е решен да го врати Нејмар на „Камп ноу“ бидејќи во него гледа одличен маркетиншки потег кој може на клубот да му донесе доста пари.