На шест дена пред претседателските избори во Барселона, каде што битка за тронот во клубот ќе водат Жоан Лапорта и Виктор Фонт, се разгорува битката, и тоа жестоко.
Членовите на Барса ќе имаат прилично незгодна работа, да бираат меѓу останување на успешниот тренер Ханси Флик (најави дека ќе си оди ако Лапорта не биде реизбран за претседател) и можно враќање на Лионел Меси во клубот (нешто што не е можно додека е таму Лапорта).
Еден од главните поддржувачи на предизвикувачот Фонт е легендата Чави Ернандес. Чави уплати остри зборови кон Лапорта, особено што тврдеше дека Лапорта лично одбил враќање на Меси во 2023 година, иако било договорено. Интересно е дека лица блиски до Меси ја потврдија верзијата на Чави.
После сето ова, Лапорта тргна во контранапад.
„Ме боли ова што го кажал Чави. Да се биде претседател, не е лесно бидејќи мора да се донесат тешки одлуки. Сфатив дека ќе продолжиме да губиме под водство на Чави. И ме теши фактот дека сè се промени по неговото заминување. Играчите кои губеа под водство на Чави сега победуваат под водство на Флик. Чави сака да создаде хаос. Но, зад него стои некој што ги држи конците. Колку што разбирам, тоа е Виктор Фонт. Тој се обидува да го оцрни изборниот процес“, изјави Лапорта.
Што се однесува до нереализираното враќање на Меси по СП 2022, Лапорта има своја верзија.
„Не можевме да го обновиме договорот на Меси од финансиски причини. Потоа, во 2023 година, Чави ми кажа дека Меси сака да се врати, тоа беше средината на март. Му го испратив договорот на Хорхе Меси, кој дојде во мојата куќа во мај и рече дека ќе има премногу притисок врз Лео и дека би претпочитале да одат во Интер Мајами“, рече Лапорта за време на дебатата со колегата претседателски кандидат на Барселона, Виктор Фонт.

