Жоан Лапорта доби уште еден мандат како претседател на Барселона, што ќе го остави на чело на Каталонците до 2031 година. Тој доби 68,18 отсто од гласовите на вчерашните избори, што е една од најубедливите победи во историјата на претседателските избори во Барса.

Откако стана јасно дека е победник, Лапорта танцуваше од радост.
Во шпанските медиуми анализираат дека главни причини за убедливата победа на Лапорта над противкандидатот Виктор Фонт се финансиската стабилизација на клубот, реновирањето на „Камп ноу“ и добрите резултати под водство на Ханси Флик (Флик рече ќе си оди ако Лапорта биде сменет). Фонт се обиде да го придобие Лионел Меси на свој страна, но не успеа, а и изјавите на Чави против Лапорта не вродија со плод.
Сонот на Лапорта и фановите на Барселона е освојување на Лигата на шампионите, нешто на што последен пат му се израдуваа во 2015 година, а се планира и доведување на еден напаѓач како наследник на Роберт Левандовски.

