Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, за каталонските медиуми говореше за изминатата сезона, во која неговиот клуб не успеа да освои ниту еден трофеј. Лапорта ги коментираше и трофеите кои ги освои Реал Мадрид, за кои вели дека се освоени на валкан начин.
„Реал? Победите и трофеите се важни, но не е дозволено без да се бираат средства да се дојде до нив. Таквите трофеи не се вредни. Реал игра многу валкано. Судиските одлуки секогаш беа во нивна корист. Реал играше валкано против нас во случајот Негреира, кога без докази нè обвинија дека сме ги купувале судиите и натпреварите. Освен тоа, скандалозно е и тоа што го прават на клупската телевизија, кога пред натпреварите објавуваат видеа против судиите. Со тоа ја менуваат тезата, но и историјата, бидејќи токму тие судии секогаш ги форсирале баш нив. Ние сакаме на чесен начин да ги освојуваме трофеите“, вели Лапорта.
Претседателот на Барселона има свој коментар и за трансферот на Килијан Мбапе од ПСЖ во Реал Мадрид.
„Што се однесува до трансферот на Мбапе во Реал, повеќе верувам во филозофијата на Барселона, а тоа е да создаваме фудбалери во својата академија, Ла Масија“, додава претседателот на Каталонците.