Лапорта убеден: Барселона ќе победува до крајот и ќе стане шампион

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта верува дека неговиот тим ќе ја освои титулата во шпанското првенство. По синоќешната победа со пресврт на гостувањето кај Валенсија, првиот човек на каталонскиот гигант вели дека уште по поразот од Гранада најавил перфектен биланс на неговиот тим.

„Пред дуелот со Валенсија реков дека ќе победиме на преостанатите пет меча и ќе бидеме шампиони. Сега веќе не се пет меча, туку четири, а по триумфот над Валенсија сега сум уште посигурен во моето тврдење“, рече Лапорта.

Барселона моментно е на третото место на табелата со 74 бодови, колку што има и второпласираниот Реал Мадрид. Лидерот Атлетико има 76 бодови, но во следното коло Јорганџиите ќе гостуваат токму на „Камп Ноу“, па ситуацијата на табелата може да се промени.

Сепак, Барселона не зависи самата од себе за тоа дали ќе биде првак со сите победи до крај. Ако и Реал Мадрид ги добие сите средби до крајот и остане со ист број бодови како Барселона, Кралскиот клуб ќе биде шампион, затоа што во меѓусебните две средби сезонава, Реал има две победи и во тој случај ќе биде пред најголемиот ривал на крајот.

 

- Оглас -

Најнови вести