Првиот плеј на Хувентуд со пофални и охрабрувачки зборови за Македонецот
Стартниот плејмејкер на Хувентуд, искусниот Аргентинец Нико Лапровитола, смета дека неговата резерва Ненад Димитријевиќ е важен играч во ротацијата на екипата.
Димитријевиќ веќе трета сезона ќе биде во првиот тим на Хувентуд и само со 20 години има искуство од играње во шпанската лига, која заедно со турската се најсилни во Европа. Од друга страна, конкуренцијата во тимот му е многу силна, па тешко му оди зголемувањето на минутажата.
„Нено во претстојната сезона ќе игра повеќе и се надевам дека ќе биде од помош за екипата. Јас сум тука да му помогнам да стане уште подобар играч. Тој е момче кое слуша совети, треба малку да го туркаме напред, но вистината е дека има познавање и многу кошарка во неговите раце, знае да игра. Сите треба да придонесуваме за тимот. Во минатата сезона јас имав многу голема минутажа, затоа важно е сега Нено кога ќе биде на терен, квалитетно да придонесува за екипата“, изјави Лапровитола.