Ларкин и Мициќ го „излудеа“ Фенербахче – Анадолу прв финалист во Евролигата!

Анадолу Ефес приреди пријатно изненадување на стартот од Ф4 турнирот на Евролигата кој се игра во Виторија, Шпанија. Во дуелот со градскиот ривал Фенербахче, Анадолу славеше со убедливи 92:73 и тие се првите финалисти. За оваа екипа ова е прво финале во клупската историја, а за титулата ќе се борат благодарение на извонредното издание на Шејн Ларкин и Василије Мициќ.

Избраниците на Ергин Атаман покажаа „заби“ уште на стартот од средбата, а по неизвесноста во првиот период кој припадна на Фенер (20-19), кошаркарите во сини дресови ја презедоа иницијативата. По паузта, Анадолу продолжи во ист ритам, Ларкин и Мициќ ја разбиваа одбраната на противникот, а дополнителни проблеми правеше и Андерсон од линијата за три поени.

Распадот на европскиот првак од 2017 година беше очигледен откако Анадолу во последните 10 минути влезе со +11 поени предност, а на три минути до крајот стигнаа и до највисоките +21.

Извонредната партија Ларкин ја круниса со 30 поени, 7 скока и 7 асистенции. Мициќ додаде 25 поени, додека Андерсон заврши со 10 поени. Од редовите на Фенербахче, Весели беше најсветла точка со 14 поени, а 13 поени додаде Грин.

- Оглас -

Најнови вести