Лацио пропушти шанса да се искачи на второто место на табелата во Серија А откако одигра без голови против Верона на „Олимпико“. Тимот кој претходно во 21 меч даде 52 гола, вечерва делуваше немоќно против Верона, која е едно од најпријатните изненадувања сезонава.
Лацио сега има 50 бода, четири помалку од лидерот Јувентус, а само еден помалку од второпласираниот Интер. Единствено добро нешто за Лацио по денешниот меч е тоа што го израмни клупскиот рекорд по бројот на одиграни меча без пораз во Серија А.
Ова беше 17-ти дуел во низа на кој Лацио не загуби. Небесносините наредија 13 победи и 4 ремија. Низа од 17 средби без пораз во Серија А имаше и тимот на Лацио од 1999 година под водство на Свен-Јоран Ериксон. Во следното коло Лацио ќе гостува кај Парма и ако римјаните не загубат, тоа ќе биде нов клупски рекорд.