Шампионот не се откажува толку лесно од титулата. Голден стејт дојде до „брејк“ во Торонто и ја намали серијата на 3-2 со победата од 106:105 во „Скотјабенк арената“. Расположените браќа Сплеш, Кари и Томпсон го одржаа бранителот на титулата во живот во оваа финална серија со низата тројки кои ги реализираа во последните минути од мечот.
Торонто ја пропушти првата меч-топка пред домашната публика за да ја освои историската прва титула, а Кајл Лаури ќе жали што го утна шутот за победа во последната секунда, иако Репторс речиси цел меч беа во резултатски заостаток. Втор обид за освојување на шампионскиот прстен ќе има за три дена, кога ќе гостува во Оукленд.
Со враќањето на повредените Дурант и Томпсон на паркетот, се разбуди екипата на Стив Кер, која мечот го отвори по својот стар рецепт – да се направи предност уште во првите минути. Голден стејт ја доби воведната четвртина со 34:28, па токму тие шест поени ја направија разликата во овој меч.
Во втората и третата четвртина силите беа израмнети, а во еден момент гостите дојдоа и до предност од14 поени. Упорноста на Торонто се исплатеше на пет минути до крајот, кога за првпат поведоа на средбата. Тогаш на сцена стапија Кари и Томпсон. Со последниот шаржер, шутерите на Вориорс наредија четири тројки во низа, а Лаури во последните секунди утна шут за победа на Торонто.
Кари како најефикасен со 31 поен, осум асистенции и седум скока го предводеше Голден стејт, додека Томпсон придонесе со 26 поени, а двајцата реализираа вкупно 12 тројки од 27 обиди. Кавај Ленард, првата ѕвезда на Торонто, повторно одигра на ниво, со дабл-дабл од 26 поени и 12 скока, но ја немаше потребната помош од соиграчите.
Шестиот натпревар во „Оракл арената“ е закажан за ноќта меѓу четврток и петок со почеток до 03 часот.
https://www.youtube.com/watch?v=C1nT2xN7cwo