Капитенот на Интер, Лаутаро Мартинес верува дека неговиот тим може да победи во финалето од Лига на шампиони против Пари Сен Жермен. Нераѕурите имаат три европски трофеи, а последниот им е пред 15 години, кога во својот тим го имаа и Горан Пандев.
„Освоив многу трофеи со репрезентацијата и со Интер, но навистина ми недостига овој, иако не размислувам за тоа. За да се победи во едно ваков финале потребно е да одиграме совршен натпревар и да го донесеме во Милано овој трофеј што го немало долго време. Финале како ова се добива со совршена игра и внимание на сите детали. Мора да бидеме фокусирани на тоа да се подготвиме што е можно подобро и да пристапиме на тој начин. Ќе бидеме подготвени за она што ПСЖ ќе го покаже на теренот. Ги почитуваме нашите противници, но мора да се подготвиме на таков начин што ќе можеме да им наштетиме“, рече Лаутаро.
Аргентинецот вели дека не размислува за тоа дали може да ја освои Златната топка и вели дека најважно му е да го освојат трофејот против ПСЖ. Францускиот гигант никогаш досега не бил европски првак, а ќе го игра второто финале.