Лавовите станаа мачиња – Спортинг се премисли, ќе го продолжи договорот со Ристовски, но за иста плата

Не е спорно дека Стефан Ристовски ќе го продолжи договорот со Спортинг Лисабон до 2022 година, но Лавовите се премислија за зголемување на платата и таа ќе остане иста, објави „А Бола“. Образложението е дека е криза во услови на пандемијата со ковид-19, па договор ќе има, но поголема плата за нашиот репрезентативец ќе нема.

Во моментов десниот бек на нашата репрезентација заработува по 18 илјади евра неделно, а со новиот договор, според неодамнешните најави во португалските медиуми требаше да има над 20 илјади евра седмично.

Сега, ако е точна информацијата на „А Бола“, Стефан Ристовски останува шестиот најплатен играч на Спортинг зад Жереми Матје, Себастијан Коатес, Родриго Баталја, Вендел и Маркос Акуња. Интересно е што најплатената шестка фудбалери на Лавовите од Лисабон се странци.

Нашиот репрезентативец е стандарден член на првата постава на Спортинг и од него се задоволни во клубот, па останува само формалност и продолжување на договорот за две години.

Ристовски пристигна во еден од трите португалски фудбалски гиганти во 2017 година од Риека и успеа да се наметне во Спортинг како еден од главните адути во клубот.

- Оглас -

Најнови вести